|
Собранието на Здружението за организирање Летна зографска работилница и негување на зографските традиции "Дичо Зограф" во село Тресонче, врз основа на чл. 20 од Уставот на Република Македонија и членовите 2,3,4,5 и 20 од Законот за здруженија на граѓаните и фондациите ("Службен весник на РМ" бр.31/96) донесе:
S T A T U T
на
Здружението
за
организирање
Летна
зографска
работилница
и негување
на зографските
традиции "Дичо
Зограф" во
село
Тресонче
I.ОПШТИ ОДРЕДБИ Чл.1 Со овој Статут на Здружението за организирање Летна зографска работилница и негување на зографските традиции "Дичо Зограф"во село Тресонче (понатаму Здружение), се уредуваат: целите и задачите на Здружението, правата и обврските на членовите, начинот на пристапување и престанок на членувањето, организацијата, облиците и начинот на дејствување, јавноста во работата, органите, начинот на нивното избирање, мандатот и нивните права и должности, материјално-финансиското работење и управувањето со имотот, престанокот на работа на Здружението.
Чл.2 Здружението е организација на граѓани со својство правно лице.
Чл.3 Име: ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ ЛЕТНА ЗОГРАФСКА РАБОТИЛНИЦА И НЕГУВАЊЕ НА ЗОГРАФСКИТЕ ТРАДИЦИИ "ДИЧО ЗОГРАФ" ВО СЕЛО ТРЕСОНЧЕ Седиште: бул."Илинден" бр.9 Скопје, Република Македонија
Чл.4 Здружението има тркалезен печат (во средината цртеж со ликот на “св. Лука” пред штафелај како ја слика иконата на Богородица) и правоаголен штембил, напишан на кирилица.
II. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО Чл. 5 Здружението е непрофитна организација. 5.1. Ја развива зографската традиција и ги поттикнува настојувањата за ревитализација на зографството како еден од традиционалните ликовни изрази на македонскиот народ низ вековите, со посебен акцент на активностите на Мијаците како непосредни носители на зографскиот занает и зографската уметност. 5.2. Го поттикнува изучувањето на зографскиот занает преку теорија и пракса. 5.3. Организира предавања за зографството (фреско,темперни и други техники). 5.4. Организира летна зографска работилница. 5.5. Организира изложби на зографски дела на старите зографски мајстори, како и изложби на дела настанати како резултат на работата на Летната зографска работилница. 5.6.Организира културни, научни, стопански, туристички, медиски, уметнички и други манифестации. 5.7. Информира за активностите врзани со работата на Летната зографска работилница како и за организирањето други културно-уметнички манифестации од својата дејност. 5.8. Развива соработка со здруженија и институции кои како предмет на интерес ја имаат традиционалната уметност и посебно зографството во земјата и странство. 5.9. Поттикнува и организира и други активности. 5.10. Обезбедува просторни услови за работа на зографската работилница, за престој и сместување на учесниците во работилницата во село Тресонче. 5.11. Се грижи за набавка на технички средства и прибор за работа на зографската работилница. III.
ЗАЧЛЕНУВАЊЕ
ВО
ЗДРУЖЕНИЕТО Чл.6 Зачленувањето е доброволно и се остварува со потпишување пристапница. Членови на Здружението можат да бидат државјани на Република Македонија и странски лица. Можно е колективно зачленување со потпишување на заедничка пристапница. Чл.7 Здружението води регистар на членовите кој се ажурира еднаш годишно. Чл.8 Здружението доделува почесно членство на истакнати личности и донатори, заслужни за развој на зографството во Република Македонија. Чл.9 Права и обврски на членот на Здружението се: 9.1. Да се придржува до Статутот на Здружението и активно да учествува во неговото спроведување; 9.2. Да учествува во спроведувањето на програмата, целите и задачите и активностите на Здружението; 9.3. Да покренува иницијативи и дава предлози; 9.4. Да учествува во одлучувањето; 9.5. Да бира и да биде биран во сите органи на Здружението; 9.6. Да го користи имотот на Здружението. Чл.10 Членството престанува со доброволно истапување, бришење од евиденцијата заради неактивност и исклучување поради нарушување на угледот на Здружението. Одлуката за исклучување или за бришење од евиденцијата ја донесува Извршниот одбор на Здружението, со право на жалба на членот во рок од 30 дена до Собранието на Здружението чија одлука е конечна.
IV.
ОРГАНИЗАЦИЈА
НА
ЗДРУЖЕНИЕТО Чл. 11 Здружението ја остварува својата дејност преку секциите со цел реализирање на посебни задачи врзани со програмата. Во почетокот се формираат следните секции: - Информации и комуникации - Стопанство и туризам - Култура и културно наследство - Реализација на манифестацијата Летна зографска работилница - Други активности За својата работа секциите донесуваат план, програма и поднесуваат извештај до Претседателот на Извршниот одбор. Чл. 12 Работата на Здружението е јавна. Членовите на Здружението и јавноста се информираат со издавање редовни или повремени билтени и публикации, писмени соопштенија, конференции за печат и слично. На Собранието и состаноците на Извршниот одбор може да присуствуваат претставници на јавните гласила и други лица кои ќе изразат желба. Чл. 13 Во рамките на Здружението работи Информативен центар кој ги презентира условите за престој и работа на Летната зографска работилница, ја објавува програмата, води регистар на поканетите учесници, води регистар на заинтересираните за учество на Летната зографска работилница, дава информации за условите за престој и работа, дава и други информации од интерес за афирмација на Летната зографска работилница и дејностите на Здружението. Информативниот центар на Здружението, за развивање на својата активност располага со библиотека, читална, видео филмови и друг пропаганден материјал. V.
ОРГАНИ НА
ЗДРУЖЕНИЕТО Чл. 14 Органи на Здружението се: Собрание, Извршен одбор и Надзорен одбор. Чл. 15 Собранието е највисок орган на Здружението и се свикува редовно на 4 години. Собранието го сочинуваат сите членови на Здружението. Собранието: - донесува Статут на Здружението; - донесува Програма за работа на Здружението; - усвојува Извештај за работата на Здружението; - усвојува завршна сметка и финансиски план; - одлучува за промена на целите и задачите на Здружението; - избира 9 члена на Извршниот одбор и 3 члена на Надзорниот одбор со мандат од 4 години; - одлучува по поднесените молби, приговори и жалби; - одлучува за престанок на работата на Здружението со двотретинско мнозинство; - врши и други функции. 3. Собранието, заради разгледување на одделни итни и неопходни прашања од работата на Здружението, по потреба , може да се свика и вонредно. 4. Собранието се свикува со јавен оглас, писмена покана или телефонски. Извршниот одбор го подготвува и свикува Собранието. Собранието може да се свика и по барање на 1/5 членови на Собранието или од Надзорниот одбор. Одлуките се донесуваат со јавно гласање со мнозинство од гласовите на присутните членови на Здружението. Собранието го отвора Претседателот на Собранието кој истовремено е и Претседател на Извршниот одбор. Тој предлага Деловник за работа на Собранието. Чл. 16 Извршниот одбор е извршен орган на Собранието на Здружението и за својата работа одговара пред Собранието. Извршниот одбор од своите редови избира и разрешува претседател, потпретседател, секретар и благајник. Извршниот одбор: - одговара за спроведување на Статутот и Програмата на Здружението и други закони и акти кои се однесуваат на работата на Здружението; - подготвува предлози на акти што треба да ги усвои Собранието; - ги спроведува политиката,заклучоците и одлуките на Собранието; - основа секции и именува нивни раководители; - се грижи за остварување на услови за работа на секциите; - остварува контрола врз набавката, користењето и располагањето со средствата на Здружението; - одговара за управувањето со имотот; - поднесува извештај за својата работа пред Собранието; - врши и други работи во согласност со Статутот и законите. Собранието ги усвојува одлуките со јавно гласање. Одлуката се смета за усвоена ако за неа гласале мнозинството од присутните членови. Чл. 17 Претседателот на Собранието го претставува и застапува Здружението пред надлежните органи и јавноста. Претседателот: - свикува седници на Извршниот одбор и раководи со нив; - должен е да свика седница на Извршниот одбор и по барање на најмалку половина членови на Извршниот одбор; - одговара за реализирање на одлуките на Извршниот одбор и за тоа е должен да поднесува извештај на седниците на Извршниот одбор; - одговара за материјално-финансиското работење и спроведување на законските прописи од оваа област. Чл. 18 Надзорниот одбор се грижи за примена на законските и други прописи во материјално-финансиското работење на Здружението. Надзорниот одбор врши контрола на наменското користење и располагање со средствата и приходите на Здружението, за што поднесува извештај пред Собранието. Надзорниот одбор се состои од тројца членови избрани од Извршниот одбор. Одлуките ги усвојува со јавно гласање на мнозинството од присутните. VI. МАТЕРИЈАЛНО-ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ Чл.19 Извори на материјални средства на Здружението се: членарина, прилози, подароци, донации и слично, во вид на предмети, парични средства и имотни права. Чл. 20 Средствата на Здружението се користат во согласност со законските и други прописи, а органите на Здружението преземаат мерки за рационално и целисходно користење на средствата. Материјално-финансиското работење, во целина, се врши во согласност со законските и други прописи и акти. Чл. 21 Здружението, како непрофитна организација, не може да врши стопанска дејност.
VII. ПРЕСТАНОК СО РАБОТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО Чл.22 Здружението престанува со работа ако за тоа одлучи Собранието на Здружението со двотретинско мнозинство, ако Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука дека Програмата и Статутот не се во согласност со Уставот на Република Македонија, ако бројот на членовите се намали на помалку од 5 члена или во други случаи определени со Закон. Во случај на престанок на работа на Здружението, неговиот Извршен одбор врши ликвидација и ја довршува постапката за правно и финансиско престанување на работата на Здружението. По престанокот со работа, средствата што остануваат по намирувањето на обврските, се пренесуваат на Месната заедница на селото Тресонче. VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Чл.23 Статутот стапува во сила со денот на донесувањето, а се применува од денот на запишувањето во регистарот на Основниот суд-Скопје И.
ПРЕТСЕДАТЕЛ _____________________________ Душко Кадиевски
_________________________________________________________________________________________________ _________________________________________________________________________________________________
Врз основа на член 15 од Статутот на Здружението за организирање Летна зографска работилница и негување на зографските традиции "Дичо Зограф" во село Тресонче, Собранието на Здружението, на својата седница одржана на 13 јули 2002 година, донесе и усвои П Р О Г Р А М А за работа на Здружението Со цел да се постигнат и реализираат целите и задачите на Здружението, зацртани во член 5 од Статутот, основните програмски задачи на членовите и органите на Здружението се: 1. Да ја развиваат зографската традиција и да ги поттикнуваат настојувањата за ревитализација на зографството, како еден од традиционалните ликовни изрази на македонскиот народ. 2. Бидејќи историските извори укажуваат и ги потврдуваат сознанијата за улогата и значењето на Мијаците во развојот на зографската уметност, Здружението ќе става акцент на активностите на мијачките ликовни творци, иконописци и живописци, како непосредни носители на зографскиот занает и зографската уметност низ минатите векови, особено во периодот на 19 век. 3. Бидејќи се навршува речиси еден век откако престанаа да работат најголемиот број зографски работилници во Македонија, а изминаа и седум-осум децении откако починаа и последните мајстори на зографскиот занает, со што беше прекинато изучувањето на зографството, низ теоријата и праксата, значајна програмска задача на Здружението е поттикнувањето и создавањето услови за изучување на зографскиот занает. 4. За зографството, како посебен вид на творештво во ликовната и применетата уметност, се знае релативно помалку отколку за некои современи ликовни техники. Затоа, програмска определба ќе биде организирање предавања со цел да се фрли поголема светлина врз зографството, како ликовна гранка и врз различните ликовни техники користени во зографството (фреско, секо, ѕидна слика, темпера врз даска, темпера врз платно, работа со бои врз пергамент и хартија). 5. Организирањето летна зографска работилница како една од основните и многу значајни активности на Здружението, претставува начин за реализација на поставената цел - негување на зографските традиции. 6. Во рамките на едукативниот процес, летната зографска работилница ќе користи услуги на висококвалификувани познавачи на зографството и зографскиот занает. 7. Бидејќи летната зографска работилница ќе се одржува во селото Тресонче, една од многу суштествените програмски задачи на Здружението е создавање благопријатни работни и животни услови за поканетите учесници. 8. Програмска задача на Здружението е стручен избор на дела создадени во рамките на активностите на летната зографска работилница кои ќе бидат вклучени како експонати на изложби на зографски дела. (Ваков вид изложби ќе се одржуваат во селото Тресонче, секоја година по завршувањето на работата на работилницата, со цел јавно да се согледаат и оценат постигнатите резултати) 9. Здружението ќе организира изложби на зографски дела настанати во процесот на работата на летната зографска работилница, секоја четврта година, во реномирани уметнички галерии во градовите во Република Македонија, а врз основа на оценка за покажан интерес, при што печатењето каталог на изложените експонати е неодминлива обврска на организаторот на изложбата. 10. Организирање изложби на дела на зографски мајстори (групни или поединечни) во земјата и странство. 11. Организирање културни, научни, стопански, туристички, медиски и други манифестации. 12. Издавање (препечатување) на зографски прирачници (ерминии), пригодни, стручни и научни публикации врзани со уметноста на зографството; монографии посветени на одделни зографи-прочуени творци, како и посебни илустрации на поединечни дела на старите творци и прочуени зографи. Издавање годишни календари со дела на зографи и печатење разгледници со дела на старите мајстори зографи. 13. Информирање за активностите врзани со работата на летната зографска работилница и другите културно-уметнички и издавачки активности и манифестации. 14. Според можностите и потребите, Здружението ќе формира и ќе раководи со Информативниот центар кој ќе ги презентира условите за престој и работа на летната зографска работилница, извршувањето на годишната Програма што ја донесува Извршниот одбор, ќе води регистар на поканети учесници и заинтересирани за учество во работата на зографската работилница, ќе дава релевантни информации за условите за престој и работа, како и други информации од интерес за афирмација на летната зографска работилница, ќе одржува конференции за печат и ќе соработува со медиумите. Информативниот центар ќе дава историски и туристички информации врзани со селото Тресонче и поширокиот регион во кој се одржува летната зографска работилница. 15. Информативниот центар ќе располага со пропаганден материјал, библиотека, читална, ќе подготвува и прикажува документарни филмови врзани со проблематиката на зографската уметност, а во соработка со Македонски пошти, ќе вложи напори за издавање пригодни поштенски марки со дела и ликови на прочуените македонски зографи. 16. Соработка со надлежни министерства, здруженија и институции кои како предмет на интерес ја имаат македонската традиционална уметност и нејзината афирмација во земјата и странство. 17. Поттикнување и организирање на други активности во интерес на остварувањето на зацртаните цели и задачи.
Претседател на Извршниот одбор на Здружението за организирање Летна зографска работилница и негување на зографските традиции "Дичо Зограф" , село Тресонче ______________________________ Du{ko Kadievski
TresoncheWeb |