The ethnic flag of the Miyak tribe in the Republic of Macedonia. In the center there is a cross around which IS-HR NI--KA is written ("Jesus Christ - The Winner"). The flag is not in official use in this part of Macedonia now, but every Miyak has it at home.

 

 

  

Мијачки "крстат" бајрак

 

Мијаците по сî изгледа се единственото племе во Македонија кое од дамнина имале свое знаме што опстоило до ден денеска. До Втората светска војна, а и подоцна кога се обновени селата и кога беше создадено задругарството, на ретките сведби што овде-онде сî уште ги имаше, можеше да се сретне мијачкиот "крстат" бајрак. Подоцна со целосното раселување на населението од Бистра, а со тоа и на Тресонче, исчезнаа и свадбите и бајраците, а мијачкото знаме го снема и покрај тоа што веќе повеќе децении на секој Петровден (12 јули) во Галичник, како најголемо мијачко село, се прави "Мијачката галичка свадба".

Мијачкото знаме има бела основа, порабено со црвена нитка, а во средината се наоѓа голем крст заокружен со црвени и бели зраци, претставени во вид на триаголници, распоредени околку крстот еден до друг. Околу крстот на празните полиња пишува IС - ХР / NИ - КА, односно "Исус Христос Победник".

- На аглите на знамето има три животински симболи со црвена или бела внатрешност. Горе лево има змеј, горе десно има исправен македонски лав, долу лево - двоглав орел без крилја со впишани I-С-H-С на стомакот околу едноставен крст, а на долниот десен агол е претставена полумесечина со мала ѕвезда над неа. Бајракот е порабен со истите црвено-`olti триаголници, какви што се наоѓаат околу централниот крст.

Ова знаме по неколку децении дури на 12 јули 1995 година (Петровден) за првпат по неколкудецениско отсуство беше извадено пред македонската јавност во Тресонче кога се одбележуваа 150 години од изградбата на главниот селски црковен храм "Свети Петар и Павле".

Денеска во Етнолошкиот музеј на Република Македонија во Скопје откриени се два мијачки бајрака, кои се насловени како "свадбарски". Познато е дека низ мијачките села имало и семејни бајраци кои ги истакнувале поголемите и побогати родови.

Сепак, денеска е прифатен еден бајрак како единствен за сите Мијаци. Тоа е овој црвено-бел "крстат" бајрак со четири животниски апликации на аглите.

Еден од најголемите истражувачи на Мијаците, етнологот д-р Томо Смиљаниќ - Брадина, роден во Тресонче, во почетокот на 20 век напишал дека низ мијачките села сретнал и други бајраци на кои наместо споменатите апликации имало коњаници и оклопници (на местото на лавот и змејот) или шарпланинец наместо лавот. Тој напишал дека знамињата биле долги 90 см, а широки 60 см и закитени со позлатени конци по краевите.

Мијачкиот "крстат" бајрак се истакнува среде Тресонче на секој поголем верски или државен празник, а голем број тресончани го чуваат и во своите домови.

 

 

 

 

 

 

                   

                                                                                           TresoncheWeb